Во октомври во ЕУ се регистрирани 866.397 нови автомобили – зголемување од 1,1 отсто на годишно ниво

28

Во земјите на Европската унија во октомври се регистрирани 866.397 нови патнички автомобили, што е за 1,1 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, објави денеска Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).

Резултатот е поповолен отколку во септември, кога е забележано намалување на регистрациите на нови автомобили за 6,1 отсто, во Германија за шест отсто, додека пад е забележан во Франција од 11,1 отсто и во Италија 9,1 отсто, пренесува Танјуг.

Најголем број нови хибридно-електрични возила (HEV) во октомври се регистрирани и тоа 33,3 отсто, по што следат возилата на бензин со 30,8 отсто, електричните возила со батерии (BEV) со 14,4 отсто и дизел автомобилите со 10,9 отсто.

Бројот на регистрирани електрични возила со батерии во октомври е зголемен за 2,4 отсто на годишно ниво, на 124.907 автомобили.

Ако ги анализираме податоците за првите десет месеци од 2024 година, ќе заклучиме дека бројот на нови регистрирани автомобили во Европската унија се зголемил за 0,7 отсто на годишно ниво на 8,9 милиони возила, објави ACEA на нејзината веб-страница. Од јануари до октомври во Европската унија се регистрирани 1.172.737 нови електрични возила на батерии, што е за 4,9 отсто помалку во однос на истиот период лани.