Во просек жените во земјава извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа поврзана со грижа

11

Во просек жените во земјава извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, а одвај четвртина од оваа работа е на мажите. Во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека пак жените посветуваат повеќе време на неплатена работа поврзана со грижа. Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двајцата родители во грижата и воспитувањето на децата.

Ова го покажува последната студија на Реактор – Истражување во акција, „Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија”, која се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство.

Васка Лешоска, координатор за истражување во Реактор – Истражување во акција денеска онлајн ги презентира дел од резултатите. Информира дека на пазарот на труд како активни баратели на работа во последната година – 77 отсто се мажи, а 54 отсто жени.

Таа рече дека се осмелиле да претпостават што би било ако времето поминато во неплатена домашна работа се наплати барем со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 евра, што е 17,18 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјава за 2019 година. Додаде дека е неопходно да се препознае вредноста на неплатената грижа и потребата од изнаоѓање соодветни формални решенија за неформалната економија на грижа.

Светлана Цветковска, раководителка на Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика посочи на Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 во која визијата е да се постигне родовата еднаквост во општеството, каде еднакви права ќе имаат девојките, жените, момчињата и мажите. Исто така да имаат и пристап до ресурси, можности за заштита во сите сфери на животот…

Таа информира дека ресорното министерство подготвува нов закон за родова еднаквост со цел, како што рече, усогласување на нашето законодавство со европското. – Законот е во подготвителна фаза и има насоки да биде унапредена машинеријата за родова еднаквост, рече Цветковска.

Цветковска изјави дека се работи на донесување нов Закон за работни односи. – Со одредбите во овој закон се предвидува и родитилското отсуство, со што ќе се унапреди и родовата еднаквост. Сметаме дека воведувањето на споделеното родителско отсуство ќе значи многу за раниот развој на децата, рече Цветковска.

Бојан Јовановски од ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување смета дека учеството на мажите во промоција на родовата еднаквост е прилично недоволна. Се осврна на т.н. грижлив маскулинитет во образованието и за родово сензитивното образование кое е најавено во реформата на новата концепција во основното образование. Смета дека сексуалното образование, кое е како изборен предмет во деветто одделение, може да претставува револуционерен потег за општеството во целина и за граѓанските организации и групи. Посочи дека годинава има силен бојкот на претставници на т.н. антиродови организации и здруженија на родители кои, како што рече, се противат на овој концепт.
Според него, како држава потребно ни е културно поместување за да може прашањето на ангажирањето на мажите во родовата еднаквост да добие појасна форма во овој јавен дискурс.