Во Скопје 759 хипотеки во вредност од 67,8 милиони евра во првиот квартал

10

Во првиот квартал годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 7.777 трансакции, од кои 5.327 се продажби на недвижности и 2.450 закупи на недвижен имот. Во однос на претходниот квартал (октомври-декември 2020), регистрирани се 366 повеќе трансакции.

Споредбено по месеци од првиот квартал годинава може да се забележи дека најголем број трансакции има во март, кога се регистрирани 2.890 трансакции. Најмалку трансакции се регистрирани во јануари, и тоа 2.025, додека во февруари се регистрирани 2.862 трансакции

Доколку се разгледа обемот на трансакции по месеци и по тип на трансакција, може да се заклучи дека најголем број купопродажби се регистрирани во март, односно 2.047 купопродажби, а најмногу регистрирани закупи се евидентирани во февруари т.е. 935 закупи, покажува Извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности за првиот квартал годинава. Вкупната вредност на 4.476 купопродажби по различни основи изнесува 175 милиони евра, од кои 4.001 се продажби во вредност од 130 милиони евра, 17 лицитации во вредност од 0,5 милиони евра, 735 продажби на инвеститор во вредност од 42 милиони евра, како и 28 откупи од државата од 2,5 милиони евра. Споредено со првиот квартал лани бројот на продажби на недвижности е приближно ист. Ако во периодот јануари-март лани имало 5.440 такви трансакции, во истиот период годинава се регистрирани 5.327.

Кај закупите, пак, се бележи раст, од 2.284 на 2.450, што укажува на закрепнување во овој сегмент од пазарот каде што по стартот на ковид пандемијата имаше пад.

Закупите на станови се зголемиле од 566 на 717, на куќи од 189 на 258, на државни парцели од 834 на 927, на земјоделско земјиште од 200 на 475. Намалување има кај закупите на индустриски објекти, односно ако во првиот квартал лани имало 39, во првите три месеци од годинава тој број изнесувал 29. Од 43 на 27 се намалиле закупите на градежно земјиште  во првото тримесечје од 2020 во однос на истиот период од 2021. Регистрираните 2.450 закупи биле во вредност од 864.192 евра, а најголем дел од сумата отпаѓа на закупите на државни парцели – 558.449 евра. Вредноста на 717-те закупи на станови изнесува 168.622 евра, а на 258-те закупи на куќи – 69.613 евра.

Според Извештајот на Катастарот на недвижности, во првиот квартал годинава биле запишани 1.759 хипотеки во вредност од 160.187.107 евра. Од нив 759 се во Центарот за катастар на недвижности во Скопје во вредност од 67,8 милиони евра. Во регистарот на преземени недвижности наменети за продажба, пак, на крајот на првиот квартал 2021 година се потврдени 506 делови од згради, 134 катастарски парцели и 304 податоци за инфраструктурни објекти, пренесува МИА.

Според податоците на Народната банка, цените на становите во вториот квартал годинава на годишно ниво бележат раст од четири проценти, а во однос на претходниот квартал од три проценти. Во овој квартал е евидентирано и зголемување на бројот на одобренијата за градење. Во април годинава се издадени 233 одобренија за градење, што е за 34,7 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, а е предвидена изградба на 618 станови. Во мај годинава, пак, биле издадени 300 одобренија или за 86,3 проценти повеќе во однос на мај лани, а со кои се овозможува изградба на 615 станови.

Фото: Pexels