Во Софија ќе се гради хотел од контејнери

33

sofija 1

Дизајнери и архитекти од Бугарија подготвуваат иновативен и амбициозен проект за изградба на економични и функционални станови од контејнери што се користат за прекуокеански транспорт. Еден од дизајнерите вклучен во проектот, Звезделин Минчев, за citybuild.bg изјави дека немаат конкретна локација и инвеститор, но дизајнирањето е во тек и се очекува до крајот на годината во Софија да започне изградбата на првиот хотел од контејнери. Хотелот ќе биде висок девет ката, со 100 соби и ќе биде највисоката зграда од овој тип во Европа.

Како предности на оваа иницијатива се истакнуваат издржливоста, безбедноста и економичноста за одржување. Зградите ќе бидат енергетски ефикасни, а во однос на стабилноста, зграда од девет ката издржува земјотрес од девет степени.

Основната цел на проектот е неговата општествена функција. Со контејнери што веќе не се користат во транспортот можат да се градат хотели, бунгалови, канцеларии, а може да се реши и проблемот со сместување на луѓе чии домови се уништени при природни катастрофи.