Во Србија повеќе пари пристигаат од дијаспората отколку од странски инвестиции

28

Во Србија вредноста на дознаките за првите девет месеци од годинава е 3,92 милијарди евра, а вкупната вредност на директните странски инвестиции во 2023 година се очекува да биде четири милијарди евра, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во првите девет месеци од годинава во Србија пристигнале повеќе дознаки отколку во истиот период лани. Според податоците од платниот биланс на Народната банка на Србија (НБС) со пресекот во септември, вредноста на дознаките годинава за девет месеци достигнала 3,92 милијарди евра, додека само дознаките што српските работници од странство ги испратиле во Србија изнесувале 2,97 милијарди евра, пишува неделникот Време.

За споредба, лани во истиот период пристигнале 3,76 милијарди евра дознаки, односно само од вработените 2,85 милијарди евра. Годинава има раст на дознаките од четири отсто во однос на деветте месеци од рекордната 2022 година.

Споредено со нивото на странски директни инвестиции, кои во 2022 година изнесуваа околу 4,4 милијарди евра, се чини дека годинешните дознаки од странство би можеле да ја надминат оваа сума.

Како што пишува порталот Време, најголем дел од тие пари одат за потрошувачка, потоа за недвижности, а многу малку за инвестиции.

Економистот и директор на Институтот за развој и иновации Ненад Јевтовиќ смета дека дознаките годинава веќе ја „победиле“ трката да достигнат четири милијарди евра.

– Иако тие официјално достигнаа 3,9 милијарди евра во септември, дознаките до 4 милијарди евра достигнаа и неколку месеци претходно. Причината зошто го велам ова е што не сите дознаки доаѓаат преку официјални канали што може да ги следи НБС и покрај соодветната методологија на централната банка која го оценува и неформалниот дел. Огромен дел од дознаките роднините од странство ги носат и ги даваат „на рака“. Странските директни инвестиции (СДИ), пак, се следат многу попрецизно од официјалната статистика бидејќи се одвиваат преку формални канали, објасни Јевтовиќ во интервју за Бизнис.рс.

Кога станува збор за идните приливи врз основа на дознаки, аналитичарите на НБС очекуваат дека ќе се движат околу пет отсто од БДП и во наредните години, притоа одржувајќи висок географски и проектен распон, како и дека најголемиот дел од приливите сè уште ќе бидат насочени кон извозно ориентирани сектори.