Во светот примени три милијарди дози вакцини

38

Повеќе од три милијарди дози против коронавирусот се аплицирани во светот, покажуваат податоците до коишто дошла агенцијата France Presse.

Околу 40% од примените дози во светот (1,2 милијарди) се во Кина, во Индија (329 милиони) и САД (324 милиони).

Но, во однос на број на жители, на Блискиот исток, предводници во процесот на вакцинирање се: Обединети Арапски Емирати (153 дози на 100 жители), Бахреин и Израел (по 124). Потоа следат: Чиле (118 дози), Монголија (111), Уругвај (110), Унгарија (107), Катар (107) и САД (98).

Европската унија искористила 357 милиони дози за околу 50% од своето населени, додека околу 32% од населението е целосно вакцинирано.

Малта, најмалата земја од Унијата, има над 70% вакцинирани граѓани. Најнаселените земји во ЕУ, Германија, Франција, Италија и Шпанија имаат околу една третина целосно вакцинирани граѓани.

Поголемиот дел од сиромашните земји почнаа со вакцинирање, најмногу поради механизмот Ковакс, но вакцинирањето не е изедначено.

Пет земји во светот уште не почнале со вакцинирање: Танзанија, Бурунди, Еритреја, Хаити и Северна Кореја.

Фото: Pexels