
Премиерот на Албанија, Еди Рама, ги објави податоците од Меѓународниот совет на аеродроми, според кои бројот на патници во Црна Гора во текот на јули бил за 14,2 отсто помал во однос на истиот период од 2019 година. Според овие податоци, Албанија има пораст на патници од дури 116 отсто и е на првото место на табелата.
„Фантастична вест. Јулската табела на Меѓународниот совет на аеродроми покажува дека кога станува збор за перформансите на земјата во патничкиот сообраќај во споредба со 2019 година, Албанија е повторно на прво место со неверојатни 116% пораст! Благодарност до сите што го овозможија ова. Да продолжиме да се искачуваме на нови височини!“, напиша Рама на платформата „Х“.
Според овие податоци, бројот на патници е зголемен за 24 отсто во Србија, 15,7 отсто во Хрватска и 41,5 отсто во Косово.
Во Словенија, меѓу другото, е забележан пад од 27,4 отсто, во Финска 31 отсто, а во Германија 19,2 отсто.