Во Вашингтон започнува пролетниот состанок на ММФ и Светска банка

11

Денеска во Вашингтон започнува пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, кој ќе трае до 20 април.

Средбата ќе започне со Глобалниот парламентарен форум, а на еден од воведните состаноци ќе учествува и директорката на ММФ Кристалина Георгиева, соопшти ММФ.

Министрите за финансии, централните банкари и креаторите на политиките во Вашингтон ќе разговараат за најитните прашања на светската економија и влијанието на војните, пред сè во Украина и Газа, врз финансиската стабилност во светот, пишува Танјуг.

Собирот во Вашингтон ќе ги собере гувернерите на централните банки, министрите за финансии и развој, членови на парламентот, директори на приватниот сектор, претставници на граѓански организации и академици за да разговараат за прашања од глобално значење.

„Светски економски изгледи“
Ќе се разговара за светската економска перспектива, искоренувањето на сиромаштијата, економскиот развој и ефективноста на помошта.

Главните министерски состаноци и настани ќе се одржат од 17 до 19 април, се наведува на веб-страницата на ММФ.

На 16 април ММФ ќе го објави World Economic Outlook, публикација која обезбедува сеопфатна анализа на глобалната економска ситуација.

Анализата ќе ја презентира главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас.

Оваа публикација, која се користи како документација за состаноците на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет, се објавува двапати годишно, обично во април и октомври.

Фото: facebook