Во силниот земјотрес што вчера го погоди северниот дел од американската сојузна држава Калифорнија, повредени се 120 граѓани, од кои шест се во критична состојба. Земјотресот со магнитуда од 6 степени по Рихтер, најсилниот во Заливот во последните 25 години, предизвика и значителна материјална штета во гратчето Напа, познато по производството на вина. Штетата се уште се проценува, а од фотографиите објавени на социјалните медиуми се гледа дека освен што значително е оштетена инфраструктурата на гратчето, настрадаа голем број шишиња вино по винските подруми. Неколку фотографии на Twitter сподели и извршниот директор на компанијата Silver Oak, Дејвид Данкан, на кои се гледа што остана од шишињата на полиците во визбата.
Американскиот геофизички институт објави дека епицентарот на земјотресот бил во областа на кањоните, на девет километри до Напа.