Водафон ќе подели 11.000 откази

34

Водафон објави дека ќе отпушти 11.000 луѓе во следните три години, бидејќи телекомот го претстави планот за заживување на својот бизнис.

Укинувањето на работните места ќе влијае на седиштето на компанијата во Велика Британија и операциите во други земји, се додава во соопштението на компанијата.

– Нашиот настап не беше доволно добар. Ќе ја поедноставиме нашата организација, намалувајќи ја сложеноста за да ја вратиме нашата конкурентност – изјави извршната директорка Маргерита Дела Вале.

Најавата за кратење на работните места доаѓа по објавувањето на прелиминарниот финансиски извештај на Водафон, во кој се наведува дека компанијата забележала скромен раст на продажбата од 0,3 отсто во изминатата фискална година во однос на фискалната 2022 година.

Во фискалната 2023 година, Водафон забележа продажба од 45,7 милијарди евра, додека во фискалната 2022 година продаде стоки и услуги во вредност од 45,5 милијарди евра. „Моите приоритети се клиенти, едноставност и развој.

Ќе ја поедноставиме нашата организација за повторно да бидеме конкурентни на пазарот“, изјави Дела Вале. Компанијата веќе најави дека ќе го намали бројот на вработени во Германија и Италија.

Во август минатата година, Групацијата Водафон постигна договор да ја продаде својата унгарска подружница за 1,8 милијарди евра, вклучувајќи го и долгот, како дел од планот на британската телекомуникациска компанија да го олесни својот проблематичен бизнис.