Банките во Европа се плашат да не станат жртви на потенцијалната ескалација на руско-украинскиот конфликт.
Поради тоа италијанската Уникредит банка се повлече од планираните аквизиции во Русија.
Она што банките во Европа сега најмногу се плашат е дека на Русија ќе и биде забранет пристапот до меѓународно користениот платен систем SWIFT, изјавија банкарите за Ројтерс. Еден од нив смета дека ваквиот потег би бил како „атомска бомба“ за банкарската индустрија, бидејќи би го спречил враќањето на долговите.
За потсетување, SWIFT (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication) е мрежа со висока безбедност која поврзува илјадници финансиски институции ширум светот.
Според британската агенција, поради кризата која не покажува знаци на попуштање, „во прашање се“ огромните побарувања на европските банки од клиентите во Русија. Банките во Италија, Франција и Австрија се најекспонираните меѓународни кредитори кон Русија во светот.
Според податоците на Банката за меѓународни порамнувања, италијанските и француските банки имале ненаплатени побарувања од Русија во третиот квартал од 2021 година во износ од околу 25 милијарди долари. Австриските банки имаа 17,5 милијарди долари ненаплатени долгови, а американските 14,7 милијарди долари.
Најизложени на ризик од санкции се европските банки кои имаат филијали во Русија, покажува истражувањето на „ЈПМорган“. Студијата на таа инвестициска банка издвојува неколку банки со значителна изложеност кон Русија, меѓу кои Unicredit, Raiffeisen International, француската Societe Generale и холандската ING Bank.
Од Рајфајзен, Австрија, велат дека изложеноста на ризик е под контрола, а од ИНГ банка истакнуваат дека се добро подготвени. Од Сосиете Женерал банка наведуваат дека внимателно го следат развојот на настаните и дека се сигурни во нивниот бизнис во Русија. Уникредит не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.











