Војната на Турција против инфлацијата: Цените секојдневно растат и сите се исплашени

111

Сè повеќе луѓе во Турција започнуваат втора работа бидејќи инфлацијата во земјата значеше дека платите не можат да ги покријат нивните трошоци. И додека неодамна за повеќето Турци беше можен живот „од плата до плата“, сега тоа станува тешко. Пензиите сè уште не се доволни за покривање на трошоците и веќе е вообичаена практика пензионерите да работат.

И бизнисот трпи. Особено малиот

„Знаете кој ја зголемува инфлацијата“, изјави за Гардијан Мустафа Кафадар, кој поседува мала пекара во Истанбул.

Човекот се уште не сака да ја коментира политиката на Ердоган. Благодарение на кризата веќе нема ниту вработени ниту профит. Барем сепак успева да си ги покрие сметките.

„Сите што ги познавам се исплашени бидејќи цените растат секој ден, а иднината е нејасна“, вели пекарот.

На негово барање, неговото име беше сменето бидејќи се плаши од властите во земјата.

„Во Турција веќе долго време нема слобода на говор“, додаде тој.

Турција доживува невидена финансиска криза

Откако турската лира само минатата година изгуби половина од вредноста, земјата денеска се бори со зголемената инфлација. Официјално изнесува 61,14%.

Еве неколку конкретни примери. Цените на шеќерот и пченицата вртоглаво пораснаа. Додека еден килограм брашно во јануари чинеше 110 лири, сега чини 220.

Кога официјалната стапка на инфлација во Турција надмина 50 отсто во февруари оваа година, што е највисоко ниво во последните две децении, таа се претвори во огромно политичко прашање за владата.

Министерот за финансии, Нуредин Небати овој месец рече дека драстичниот скок на цените е „привремен“, а Ердоган вети дека ќе ги заштити Турците од идните ефекти на инфлацијата.

„Додека турската економија се подготвува да стане една од 10-те најдобри економии во светот, рековме дека нема да ја изгубиме оваа можност со невнимателни и непромислени чекори“, рече Ердоган, додавајќи дека неговата земја ќе излезе од кризата на начин „што нема да ги скрши турските граѓани со инфлација“.

Спиралната инфлација е поврзана со напорите на владата за радикална реконструкција на турската економија, одржувајќи ги каматните стапки ниски во верувањето дека тоа ќе го поттикне и ќе го зголеми производството. Логика која е спротивна на советите на повеќето експерти.

Хиперинфлација?

Независната економска истражувачка група „Enag“, која ја следи инфлацијата во Турција користејќи ги истите показатели како и владата, проценува дека реалната инфлација во март била 142,63%.

„Тоа е хиперинфлација. Без сомнение“, велат од групата.

Откако цените во Турција почнаа вртоглаво да растат минатиот септември, пресметките на „Enag“ за реалната инфлација во земјата постојано беа двојно повеќе од официјалната стапка.

Финансиската криза дополнително се искомплицира со руската инвазија на Украина, која, исто така, ги зголеми светските цени на храната, особено на пченицата.