Војните ги зголемуваат изгледите за профит на американската одбранбена индустрија во 2024 година

Кога Пентагон, непосредно по инвазијата на Русија во Украина, ги собра најголемите светски добавувачи во одбранбената индустрија за да им каже да го зголемат производството, еден од извршните директори се двоумеше, велејќи дека не сакаат да бидат заглавени со полни магацини проектили откако ќе престанат борбите, раскажуваат три извори запознаени со тие разговори.

Речиси две години подоцна, големите одбранбени фирми се предомислија, при што неколкумина очекуваат силна побарувачка во 2024 година, бидејќи САД и нивните сојузници складираат скапо оружје и муниција додека внимателно ги следат акциите на Русија и Кина, кои ги сметаат за поагресивни.

Пресметката е едноставна. Со цел, на пример, да се задоволи побарувачката за противракетна одбрана, производството на пресретнувачи Патриот за американската армија ќе се зголеми од 550 на 650 проектили годишно. Со индивидуална цена од околу четири милиони долари, тоа значи потенцијално зголемување на продажбата од 400 милиони долари годишно за само еден систем на оружје. Бидејќи зголемувањето на обемот на производство на постарите системи е секогаш попрофитабилно од високите инвестициски трошоци поврзани со зголемувањето на производството на нови системи, посилната побарувачка брзо ќе се претвори во нето профит на компаниите.

Се очекува дека акциите на најголемите одбранбени компании, кои лесно го надминаа растот на референтниот берзански индекс S&P 500 во последните две години, ќе продолжат да зајакнуваат. Се предвидува дека цените на акциите на Lockheed Martin, General Dynamics и Northrop Grumman ќе пораснат меѓу пет и седум проценти во следните 12 месеци, додека S&P се очекува да оствари ограничени добивки.

Залихите на оружје на Америка не беа „полни“ пред Русија да ја нападне Украина, посочува Ерик Фанинг, извршен директор на Здружението за вселенска индустрија Aerospace Industries Association, а противниците сметаат дека нашите резерви се намалуваат и се трошат. Како резултат на тоа, побарувачката е поттикната од кинеската агресија, стравот од руската агресија и поддршката за сојузниците на Блискиот Исток, рече тој.