Фото: Pixabay
Победничка компанија – Од било каде, до врвот
Имам пријателка со која работевме заедно некое време. Се вика Signe (Синија) и е директен потомок на принцезата Pocahontas, од Индијанското племе Algonquian. Многу приказни за Индијанците имам слушнато од неа, ама една ми остави траен впечаток. Подоцна најдов неколку варијанти на таа приказна, ама еве ја изворно кажано од Синија. „Кај племенскиот врач дошол еден вознемирен воин и се жалел дека не може ниту да спие, ниту да јаде. Барал совет што да прави. Врачот му објаснил дека во секој човек има два волка – едниот живее во хармонија со сé околу него, а на другиот сé му изгледа како закана и непријателство. Првиот придонесува за спокој, а вториот раѓа немир. На ова, воинот прашал кој волк победува, а врачот мирно одговорил: оној што го храниш. Преведено, ова значи дека однесувањето на луѓето во организациско опкружување е резултат на две спротивставени сили: активна и реактивна страна на личноста. Два волка во нас. Некогаш едниот волк, една од нашите страни го диктира нашето однесување, а некогаш другиот волк е тој што нé води.
Во секоја личност, двете страни се постојано присутни во дијалектичко единство наречено „Организациски тип“. По правило, кога околностите се релативно стабилни, однесувањето на луѓето во голема мерка зависи од нивната активна страна. Кога околностите се променливи или стресни, однесувањето претежно е определено од реактивната страна. Линијата меѓу тие две страни е многу тенка и ние често преминуваме од една во друга страна – мирољубивите и тивките лесно може да се претворат во ѕверови и обратно.
На пример, што се случува со тн. креативни типови во организациите. Во обични ситуации, тие се фокусирани на визија, иднина, креација и иновација. Тоа е нивната активна страна. Ама, кога околностите се стресни, многу лесно може да се случи да не бидат во состојба да се фокусираат на една цел и да се движат стихијно. Гледајќи шанса во сé околу нив, лесно можат да завршат без ниедна постигната цел.
Идејата е да постигнеме хармонија меѓу нашата активна и реактивна страна:
- Кога времињата бараат акција, треба да притискаме кон остварување резултати. За тоа е потребна експертност, знаење во струката. Плус, потребна е прагматичност, одлучност и одбегнување на компромиси.
- Кога времињата бараат претпазливост, треба да бидеме приземни и студено логични. Сериозност, аналитичност, ориентираност на детали и систематичност се особини кои ни требаат во вакви околности.
- Кога времињата бараат промени, треба да бидеме креативни и визионери. Оптимизам и ентузијазам се најпосакуваните карактеристики за вакви околности.
- Кога времињата бараат едногласност и обединетост, потребно е цврсто поврзување со останатите членови на организацијата. Отвореност, искреност и срдечност се особини кои многу помагаат во вакви ситуации.
Не велам дека постојано треба да ја манифестираме нашата добра страна – радост, мир, љубов, надеж, смиреност, скромност, љубезност, дарежливост, вистинољубивост и верба. Тоа, за жал, може да нé претвори во овчички. Одвреме-навреме треба да се покаже заби – лутина, љубомора, алчност, гордост, его, ароганција и супериорност. Со ваков пристап, двата волка во нас ги храниме на балансиран начин. Следствено, нашите реакции се соодветни. Тоа, по дефиниција, е хармонизирана личност. А таа личност има најдобри шанси истовремено да ги остварува сопствените интереси и интересите на компанијата за која работи.