Volkswagen ги негира обвинувањата за принудна работа во неговата фабрика

23

Има се повеќе западни производители кои се обвинети за нехуман третман на работниците и кршење на човековите права. На тапет е и Volkswagen.

Производителот на превозни средства, за кој се вели дека практикува принудна работа во својата фабрика во провинцијата Ксинџијанг, им се придружи на многубројните звучни имиња на столбот на срамот. VW има голема фабрика во оваа сиромашна провинција со домашен партнер (SAIC), како и голем број подизведувачи. Експертска група во ОН е загрижена што таму се практикува принудна работа.

Членовите на Бордот на VW, Јорг Хофман и Стефан Вајл, за „Braunschweiger Zeitung“ изјавија дека Volkswagen мора да ги истражи наводите. „Мораме конкретно да ги испитаме фактите и врз основа на тоа да одговориме на прашањето дали прекинот на активностите би бил правилна одлука“, рече Хофман.

Уште во април, првиот човек на Volkswagen отфрли секаква можност за практикување принудна работа во погоните на компанијата. Тој рече дека е убеден дека во фабриката нема принудна работа и оти локалното население е многу подобро откако таму е отворена фабриката.

„Верувам дека присуството на фабриката доведе до подобри услови за луѓето таму. Ние патуваме таму и, како и секаде во светот, обезбедуваме имплементација на нашите работнички права, почитување на културната и верската различност“, рече Херберт Дис.

Приказната за угнетувањето на ујгурската етничка група во провинцијата Ксинџијанг ја вклучи и германската влада, која е загрижена за можните прекршувања на човековите права, пишува Auto News. Канцеларот Олаф Шолц изрази загриженост поради злоупотребата на Ујгурите и повика на диверзификација на синџирите на снабдување и пазарите.

Volkswagen во својата изјава „остро се спротивставува на принудната работа“, пишува Motor1. „Во нашиот глобален бизнис, обезбедуваме опстанок на нашите вредности и почитување на стандардите. Истото го очекуваме и од нашите локални деловни партнери“, рече портпаролот на VW, Николај Лауд.