
Кинеската филијала на германскиот производител на автомобили Volkswagen (VW) и најголемиот светски производител на батерии CATL објавија планови за соработка за развој на литиумски батерии за електрифицираните автомобили на VW во Кина.
Компаниите потпишаа писмо со намери што предвидува развој на батерии со подобрени перформанси и поефикасна структура на трошоци за одредени модели на VW на кинескиот пазар, изјави портпаролот на германската компанија.
Партнерството подоцна ќе се прошири и на други области, како што се рециклирање батерии и технологија која го претвора возилото во снабдувач на електрична енергија.
На крајот на јануари, извршниот директор на VW, Оливер Блуме, изјави дека Кина е „фитнес центар“ на автомобилската индустрија, истакнувајќи дека кинеските производители брзо станале конкуренти поради иновациите.
„Иновациите, на пример во производството на батерии, софтверот и автономното возење, се развиваат во Кина прагматично и економично, многу брзо и креативно“, изјави Блуме за неделникот Die Zeit.
Таквиот став и експертиза од Кина, според неговите зборови, може да се искористи за пренесување на иновациите на целата компанија, особено во Германија каде што продажбата е значително ослабена.
Германската автомобилска компанија одделно објави во јануари 2025 година дека има намера да изгради мрежа на станици за супербрзо полнење во Кина, во соработка со домашниот производител на електрични возила XPeng, пренесува Хина.
Компаниите потпишаа меморандум за разбирање, кој предвидува стратешка соработка за изградба на повеќе од 20.000 станици за полнење на возилата VW и XPeng во 420 кинески градови.
На крајот на минатата година, VW го продолжи партнерството со кинескиот производител на возила SAIC до 2040 година, што укажува дека смета на партнерот и покрај дополнителните царини од ЕУ за увоз на автомобили SAIC, од 37,6 отсто.











