Шведскиот производител на батерии за електрични возила Northvolt објави дека собрал 1,1 милијарда долари во новата рунда на финансирање. Интересно е што меѓу инвеститорите се и автомобилскиот гигант Volkswagen и банкарската групација Goldman Sachs, односно нивниот Asset Management.
Во соопштението на компанијата се наведува дека собраниот износ ќе биде вложен во проширување на производството на батериски ќелии и катодни материјали во Европа, пишува CNBC.
Меѓу инвеститорите на компанијата се Baillie Gifford, Swedbank Robur, PCS Holding и TM Capital.
Неодамна од Northvolt беше објавено дека првата гигафабрика на оваа компанија Northvolt, започнала со комерцијални испораки во Европа. Од компанијата наведуваат дека вредноста на нарачките достигнала 55 милијарди долари, а меѓу клиентите се и автомобилските гиганти Volvo Cars, BMW и Volkswagen.
Најновата објава за финансирање на Northvolt доаѓа додека големите европски економии работат на стратегии за премин од бензин и дизел кон електрични возила.
Во Велика Британија, на пример, планот е да престане да се продаваат нови возила со дизел и бензин до 2030-та година. Од 2035-та година, сите нови возила ќе имаат нула емисија на штетни гасови. Слични цели има и Европската унија, која Британија ја напушти во 2020-та година.
„Комбинацијата на политички одлуки, посветеноста на потрошувачите да користат електрични возила и многу брзиот раст на побарувачката за почисти производи создаде „совршена бура“ за електрификација“, рече извршниот директор на Northvolt, Питер Карлсон.
Според Меѓународната агенција за енергија, продажбата на електрични возила во 2021-ва година достигна 6,6 милиони. Во првиот квартал од 2022-ра година е забележана продажба од два милиони електрични возила, што е зголемување за 75 отсто во однос на првиот квартал од минатата година.