Volkswagen лансираше интернационална маркетинг кампања Оnething

27

Групацијата Volkswagen ја лансираше својата најнова интернационална маркетинг кампања Оnething за светската премиера на новиот Golf 7. На онлајн платформата www.onething.com,  корисници од повеќе земји ширум светот, вклучувајќи ја и Македонија, можат да направат свој профил/страница и на тој начин си обезбедуваат учество во наградната игра која вклучува вредни награди: најновиот убавец од гамата на Volkswagen Golf 7, разгледување на Лондон и вечера во ресторанот на Џејми Оливер, патување на егзотична дестинација, како и карти за концертот на Paul Van Dyk.

Оваа интернационална маркетинг кампања започнува истовремено во 33 земји, а првата фаза на кампањата се фокусира на луѓето и нивните приоритети во животот. На онлајн платформата www.onething.com учесниците се поттикнати да учествуваат и да одговорат на седум персонални прашања поврзани со најважните нешта во животот. “Ако можеш да слушаш само ЕДНА ПЕСНА до крајот на животот, која би била таа? ” и “Ако можеш да одбереш само ЕДНО МЕСТО да живееш до крајот на животот, кое би било тоа ?” се само две од вкупно седумте прашања што посетителите треба да ги одговорат. Сите корисници на onething.com можат да  креираат свој сопствен профил и потоа да ги споделат одговорите со своите пријатели на Facebook, Twitter и Google+ социјалните мрежи, а она што е интересно и необично е тоа што одговорите на секој корисник потоа се претставени во вид на патеписен филм, кој дава исклучително персонално чувство. Во платформата се вклучени и статистики на одговорите на корисниците, за да се илустрираат варијациите во различните одговори и разликите од земја до земја.

Тимот на Porsche Macedonia се потруди за многу кратко време оваа глобална адвертајзинг кампања да биде прилагодена на македонски јазик и со тоа нашите граѓани да бидат во тек со најновите збиднувања во светот на Volkswagen.

“За зајакнување на имиџот на Volkswagen секогаш се трудиме да креираме маркетинг реклами кои ги допираат срцата на луѓето со автентичност, човечност, предизвик и јасни пораки ” изјави  Giovanni Perosino, одговорниот за маркетинг комуникациите на Volkswagen.

Новиот знаменосец на гамата на Volkswagen – Golf 7 е најлесната и најекономичната верзија од Golf понудена некогаш. Golf прв пат започна да се произведува пред 38 години и со продадени 29 милиони примероци го обликуваше модерниот сегмент на компактни модели. Благодарение на употребата на челик со висока цврстина, масата на Golf 7 е намалена за дури 100 килограми во однос на претходникот, додека неговата економичност е подобрена за цели 23%.

Новиот Golf е заснован на потполно новата и долго најавувана платформа Modular Transverse Matrix, која на  групацијата Volkswagen и носи нови заштеди и сите предности на модуларната изградба на автомобили. Golf 7 е со атрактивен изглед и нов редизајниран имиџ, опремен со карактеристики за подобрена удобност и безбедност, како и со усовршени системи за забава. Новиот Volkswagen Golf 7 се нуди во две дизел и две бензински опции.