Волонтуризам – одмор што го спојува убавото со корисното

51

volonteri

Во САД, Велика Британија и Австралија веќе долго време е популарен тренд, но станува се попопуларен и меѓу Германците – тие во текот на својот годишен одмор не сакаат само да лежат на плажа, туку и да направат нешто корисно.

Името е прилично ново – волонтуризам, но идејата е стара неколку децении. Различни организации веќе долго време нудат различни облици на работни кампови во кои волонтери можат да учествуваат во проекти ширум светот и на тој начин да ги поминат своите слободни денови, пишува Дојче Веле.

volonturizam

Во последните неколку години, туроператорите го открија како нов “пакет“ во својата понуда. Без оглед на тоа дали се работи за неколку дена доброволна и неплатена работа или повеќенеделни работни кампови, туристичките агенции нудат одмор во кој се загарантирани искуства кои не може да се доживеат во хотелските комплекси. Понудата се движи од грижа за животни, преку земјоделска работа, до ангажман во сиропиталишта и често вклучува сместување во локално семејство и можност за учење на тамошниот јазик. Многу германски туроператори нудат комбинација од одмор и волонтерски ангажман.

volonturizam 1

Волонтуризмот бара поинакви подготовки за разлика од оние за вообичаениот одмор. Многу често се работи на проекти што се сместени на други континенти, па треба да се направи посебно здравствено осигурување, да се примат посебни вакцини и да се испланира подолг период за вадење виза. Оние кои се подготвени да ги надминат сите потешкотии имаат чувство дека корисно го поминале својот одмор. Тие не се движат низ изолираните хотелски простории, туку се во директен контакт со локалното население.

volonturizam 2

“Често пати, на тој начин се стекнуваат пријателства кои траат со години“, вели Кристоф Соненберг од Службата за волонтери во странство, нагласувајќи дека поголемиот број на волонтуристи се враќаат дома со позитивни искуства и впечатоци.

За вистинската корист од овие проекти за локалното население мислењата на експертите се различни. Критичарите сметаат дека работите што ги работат доброволците можат да ги завршат и локалните жители, што би било подобро за нив. Освен тоа, тврдат дека волонтуристите често пати немаат доволно искуство и не знаат многу за регионот во кој се сместени. Во некои случаи, како што наведуваат, недоволната квалификуваност може да предизвика поголема штета одошто да помогне.