Волстрит бележи раст трет ден по ред

93

На Волстрит во четвртокот, берзанските индекси пораснаа трет ден по ред, бидејќи американскиот Конгрес постигна договор за привремено зголемување на државното задолжување, со што се избегна ризикот владата да не може да ги плати финансиските обврски.

Dow Jones порасна за 337 поени, или 0,98 проценти, на 34.754 поени, додека S&P 500 зајакна 0,83 проценти, на 4.399 поени, а индексот Nasdaq порасна 1,05 проценти, на 14.654 поени.

Растот на пазарот е благодарение на договорот меѓу демократските и републиканските пратеници во Конгресот за привремено зголемување на плафонот за задолжување на владата.

Тој плафон е поставен на 28,4 трилиони долари, а договорено е до декември да се зголеми за 480 милијарди долари.

Ова допрва треба да се изгласа во Конгресот, но според сите претпоставки, колапсот на федералните финансии досега беше избегнат.

“Пазарот порасна благодарение на малото поместување на Вашингтон кон рационално решение, што им овозможува на властите да ги платат сметките, да отпечатат некои чекови“, вели Ким Форест, директор на Боке Капитал Партнерс.

Акциите во рударскиот сектор вчера пораснаа најмногу, во просек 1,35 проценти, а акциите на технолошките гиганти како Apple, Microsoft, Alphabet и Тesla исто така значително пораснаа.

И на европските берзи, цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 1,17 проценти, на 7.078 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 1,85 проценти, на 15.250 поени, а парискиот CAC 1,65 проценти, на 6.600 поени.