Волстрит благо падна. Причината е лошиот резултат на Дизни и проблемите на регионалните банки

58

Во четвртокот на Волстрит се тргуваше претпазливо, при што Dow Jones и S&P 500 паднаа поради скромните оперативни резултати на Disney и проблемите во регионалните банки. Dow Jones загуби 0,66 отсто, на 33.309 поени, а S&P 500 загуби 0,17 отсто, на 4.130 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,18 отсто, на 12.328 поени.

Најмногу вчера падна цената на акцијата на PacWest Bancorp, откако регионалната банка објави дека нејзините депозити се намалени за 9,5 отсто минатата недела и дека презема чекори за зголемување на ликвидноста. Ова изврши притисок и врз некои други регионални банки бидејќи инвеститорите не се сигурни која ќе влезе во неволја, а која е стабилна. Индексот KBW на регионалните банки падна за 2,4 отсто.

Бројот на претплатници на телевизискиот сервис Дизни е намален
„Мислам дека проблемите не се шират низ целиот сектор, туку од банка до банка. Веројатно ќе има дополнителна консолидација и главоболки за инвеститорите во регионалните банки“, вели Оливер Пурше, потпретседател во Wealthspire Advisors. Акциите на Волт Дизни вчера беа меѓу најголемите губитници, со пад на цената од речиси 9 отсто.

Таа компанија, оствари квартални резултати во согласност со очекувањата на пазарот, но бројот на претплатници на нејзиниот телевизиски сервис падна во изминатиот квартал. Внимателни се и инвеститорите поради неизвесноста околу преговорите меѓу демократите и републиканците за зголемување на горното ниво на задолжување на државата.

Внимателно се тргува и на европските берзи
Доколку до 1 јуни не се постигне договор во Конгресот, федералните власти нема да можат да ја финансираат работата на некои државни институции. Меѓу загубарите вчера беше и енергетскиот сектор поради падот на цената на нафтата. Од друга страна, индексот Nasdaq порасна благодарение на скокот на цената на акциите на Alphabet за повеќе од 4 отсто, откако технолошкиот гигант претстави нови производи поврзани со вештачката интелигенција.

Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,14 отсто, на 7.730 поени, а франкфуртски DAX за 0,39 отсто, на 15.834 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,28 отсто, на 7.381 поен.