Волстрит благо порасна на почетокот на неделата

65

На Волстрит берзанските индекси благо пораснаа во понеделникот, а тргувањето беше претпазливо додека инвеститорите се обидуваат да откријат дали слабеењето на економијата е добра или лоша вест за пазарот на капитал.

Dow Jones зајакна 0,14 отсто, на 33.348 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 отсто, на 4.136 поени, а индексот Nasdaq 0,66 отсто, на 12.365 поени.

Вчерашните податоци за остриот пад на индустриската активност во државата Њујорк во мај се најнови во низата податоци кои покажуваат дека растот на најголемата светска економија забавува.

Тоа само по себе не е добра вест. Но, слабеењето на економијата значи и дека потрошувачката, а со тоа и инфлацијата ќе ослабне. Тоа, пак, значи дека ФЕД наскоро ќе го прекине циклусот на зголемување на каматните стапки, што е позитивно за пазарот на капитал.

„Ваквите ситуации се секогаш тешки, ние сме во период кога лошите вести се всушност добри за пазарот на капитал и обратно. Сакаме економијата да ослаби доволно за да ја намали инфлацијата, но не толку за да западне во рецесија“, објаснува Тим Гриски, стратег во Ingalls & Snyder.

Најважното прашање на пазарот е кога ФЕД ќе го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, а инвеститорите дури се надеваат дека би можел да започне со намалување на каматните стапки на крајот на годината.

Сепак, неколку претставници на ФЕД вчера изјавија дека очекуваат каматните стапки да останат високи. Меѓу другите, Томас Баркин, претседател на филијалата на ФЕД во Ричмонд, рече дека сè уште не е убеден оти инфлацијата е на стабилен надолен пат, но дека се согласува со ставот на другите лидери на ФЕД дека евентуалното дополнително зголемување на каматните стапки ќе зависат од идните економски показатели.

Вчера благо пораснаа и цените на акциите на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,30 отсто, на 7.777 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,02 отсто, на 15.917 поени, а париски CAC 0,05 отсто, на 7.418 поени.