Волстрит ослабе на почетокот на неделата

12

На Волстрит, берзанските индекси паднаа вчера, бидејќи инвеститорите останаа внимателни откако цените на акциите се искачија на рекордно ниво минатата недела.

Dow Jones загуби 0,41 отсто, на 39.313 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,31 отсто, на 5.218 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 16.384 поени.

Минатата недела индексите скокнаа за повеќе од 2 отсто, што е нивна најголема неделна добивка оваа година, откако лидерите на американската централна банка останаа на проценките дека оваа година би можеле да ги намалат каматните стапки три пати.

Аналитичарите: Прашање е дали сè уште има простор за раст на акциите
Ова ги охрабри инвеститорите бидејќи стравуваа дека ФЕД ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД. Позитивно на пазарот влијаеше зголемувањето на прогнозата на лидерот на ФЕД за економски раст годинава од претходните 1,4 на 2,1 отсто.

Сепак, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец по ред, па прашање, велат аналитичарите, е дали се уште има простор за раст на цените на акциите.

Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД и европските земји, кои би можеле да укажат кога централните банки ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.