Волстрит заврши во минус, инвеститорите нервозно чекаат податоци за инфлацијата во јули

На Волстрит, главните берзански индекси паднаа во понеделник, додека инвеститорите нервозно чекаат податоци за јулската инфлација со цел подобро да ги проценат перспективите поврзани со намалувањето на каматните стапки во САД, а тие го следеа и развојот на трговските односи меѓу САД и Кина.

Индексот Дау Џонс падна за 200,52 поени, или 0,45 проценти, на 43.975 поени. Во исто време, индексот S&P 500 падна за 0,25 проценти, на 6.373 поени, а Nasdaq за 0,3 проценти, на 21.385 поени.

Инвеститорите очекуваат дека знаците на слабост на американскиот пазар на труд би можеле да го поттикнат Федералниот резервен систем (ФЕД) да спроведе приспособлива монетарна политика до крајот на годината, што би го поттикнало оптимизмот на берзата.

Извештајот за инфлацијата за јули треба да биде објавен во вторник, а економистите прогнозираат дека инфлацијата би можела да изнесува 2,8 проценти на годишна основа. Инвеститорите очекуваат Федералниот резервен систем да ги намали трошоците за позајмување за околу 60 базични поени до декември, според анкетата на LSEG.

„Инвеститорите ги следат каматните стапки, па затоа сè што е поврзано со инфлацијата ќе биде двигател на пазарот оваа недела. Во овој момент, сè се сведува на тоа дали ќе има три или две намалувања на стапките до крајот на годината“, рече Џејми Кокс од Харис Фајненшл Груп.

Акциите на „Нвидија“ и „Адвандс Микро Дивајс“ беа нестабилни во текот на денот.

Американски функционер за Ројтерс изјави дека големите производители на полупроводници се согласиле да ѝ дадат на американската влада 15 проценти од приходите од продажбата на нивните напредни чипови во Кина. Аналитичарите велат дека „данокот“ би можел да ги погоди маржите на производителите на чипови и да постави преседан за Вашингтон да ги оданочи клучните американски извозни производи, потенцијално пошироко отколку само полупроводниците.

Одделно, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се продолжува за дополнителни 90 дена рокот за постигнување трговски договор со Кина, во кој период нема да се применуваат високи царини за кинескиот извоз. Овозможувањето на продажба на полупроводници на Кина беше составен дел од договорот што Вашингтон и Пекинг го потпишаа оваа година, кој требаше да истече во вторник, но сега е продолжен. Трамп ја пофали соработката на Кина во разговорите на прес-конференцијата во Белата куќа во понеделник.

На европските берзи во понеделник, повеќето од најважните индекси беа во минус, при што Франкфуртскиот DAX падна за 0,34 проценти на 24.081 поени, а Парискиот CAC за 0,57 проценти на 7.698 поени. Лондонскиот индекс Ftse, од друга страна, порасна за 0,37 проценти, на 9.129 поени.