Воспоставувањето на стопанска комора помеѓу Швајцарија и С. Македонија отвора нови можности за економска соработка

24

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој е во неколкудневна посета во Цирих, Швајцарска Конфедерација, за време на службената посета оствари средби со претставници на политичкиот и економскиот живот во оваа земја при што се разговараше за воспоставување на заедничка стопанска комора, а воедно беа презентирани и можностите и поволностите за инвестирање во нашата земја пред повеќе швајцарски компании.

Вицепремиерот Битиќи посредуваше во воспоставувањето на Македонско-Швајцарска стопанска комора, со која ќе се допринесе за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација.

“Со воспоставување на стопанската комора, економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарија ќе се развива со поголем интензитет, а со тоа и ќе се создадат многу нови можности за идни соработки и реализации“, посочи Битиќи. 

На средбата беа дискутирани и можностите за пласирање на домашните производи и компании на швајцарскиот пазар.

“За првпат во историјата на нашите билатерални односи, се конкретизираат нашите заложби и напори за поголема економска соработка преку воспоставување на билатерални односи. Стопанската комора, која ќе има оперативни канцеларии во двете земји,  ќе претставува нов мост кој ќе ги зацврсти и продлабочи економските релации помеѓу двете земји“, потенцираше Битиќи.

Во средбите со претставници на швајцарските компании, вицепремиерот Битиќи ги презентираше поволностите и можностите за инвестирање кои се нудат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, при што од страна на претставниците на швајцарските компании е искажан првичен интерес за инвестирање во нашата земја.

Фото: Pixabay