Британскиот производител на алкохолни пијалоци Diageo, производителот на вотка Смирноф, ја напушта Русија поради притисокот на западните санкции против Москва, соопштија претставниците на компанијата.
„Донесовме тешка одлука за постепено укинување на комерцијалните активности во Русија“, изјави претставник на компанијата за новинарите во вторникот, пренесе новинската агенција Интерфакс.
Престанокот на руските операции ќе трае шест месеци, истакна компанијата, додавајќи дека сите руски вработени ќе бидат обештетени.
Diageo е еден од најголемите светски производители на алкохол и поседува популарни брендови како што се Smirnoff, Johnnie Walker, Guinness, Baileys и Captain Morgan.
Според веб-страницата на компанијата, таа доставува пијалоци за околу 70.000 продавници и 19.000 ресторани и барови низ Русија.
Брендот Смирноф е роден во 1864 година, кога Пјотр Арсенијевич Смирноф отворил дестилерија за вотка во Москва. По бегството од Русија, по револуцијата во 1917 година, семејството Смирноф се обиде да го воспостави овој бренд во неколку земји пред да се насели во САД и на крајот да ја продаде компанијата.