
Според истражувањето, електричните возила се со помалку дефекти, но и имаат една заедничка слаба точка со возилата со согорување
Дебатата помеѓу електричните и автомобилите со внатрешно согорување одамна излезе надвор од рамките на перформансите и емисиите – сега станува збор и за доверливоста. Според новото големо истражување на германскиот автомобилски клуб ADAC, електричните автомобили полека, но сигурно, ја добиваат и оваа битка.
Помал број на интервенции кај ЕВ возила
Во текот на 2023 година, „жолтите ангели“ на ADAC одговориле на повеќе од 3,6 милиони повици за интервенции на патиштата во Германија. Од нив, само 43.678 повици биле поврзани со електрични возила – што претставува околу 1,2% од сите дефекти. Иако бројот на ЕВ автомобили на патиштата расте, тие сѐ уште пријавуваат помал број дефекти во споредба со класичните автомобили со внатрешно согорување.
ADAC за првпат во 2024 година потврдува дека има доволно податоци за да заклучи дека ЕВ автомобилите се понадежни. Возилата регистрирани помеѓу 2020 и 2022 година пријавиле во просек 4,2 дефекти на 1.000 возила кај ЕВ, наспроти 10,4 дефекти кај автомобилите со мотори на внатрешно согорување, според германскиот портал Handelsblatt.
И ЕВ и возилата со согорување имаат заедничка слаба точка
Интересно е што и кај двете технологии најчестиот извор на дефекти е ист – 12-волтната батерија. Таа е причина за 50% од повиците за сервис кај ЕВ возила и 45% кај автомобилите со внатрешно согорување. Во останатите категории, ЕВ генерално имаат помал број пријавени дефекти, вклучително и кај електричниот систем, управувањето со моторот и светлосната опрема.
Единствената слаба точка кај ЕВ: пневматиците
Единствената категорија каде ЕВ автомобилите имаат поголем број интервенции се гумите – со 1,3 повици на 1.000 возила, во споредба со 0,9 кај конвенционалните возила. Сепак, податоците покажуваат дека новите ЕВ модели помалку страдаат од вакви проблеми, што укажува на технолошки напредок и подобрување на дизајнот.
ЕВ како практичен избор за иднината
И покрај ограничениот број на години на пазарот, ЕВ возилата веќе се покажуваат како попрактичен избор кога станува збор за долгорочна доверливост. Тие немаат масло за промена, немаат комплексен моторен систем, и имаат помалку делови што можат да се расипат – што директно влијае на намалување на трошоците за одржување.
Иако ADAC предупредува дека сè уште е рано за долгорочни проценки – особено за тоа како ќе се однесуваат ЕВ возилата по 10 или повеќе години користење – податоците јасно укажуваат на позитивен тренд. Електричните возила не само што се попривлечни од еколошка гледна точка, туку се и реална, понадежна алтернатива за секојдневниот транспорт.
Преземено од Автоплус.мк