Вработен во ЕУ ги чини работодавците 33,5 евра на час

Просечните трошоци за работна сила по час во Европската унија се зголемени минатата година, а во рамките на унијата варираат за повеќе од пет пати.

Просечните трошоци за работна сила по час во Европската унија лани биле проценети на 33,5 евра, што претставува зголемување во однос на 2023 година кога изнесувале 31,9 евра, објави денеска Евростат.

Најниски трошоци за работна сила на час се забележани во Бугарија – 10,6 евра, Романија 12,5 евра и Унгарија 14,1 евро, а највисоки во Луксембург – 55,2 евра, Данска 50,1 евро и Белгија 48,2 евра.

Гледајќи ги секторите, просечните часовни трошоци за работна сила во индустријата на Европската унија биле 33,9 евра, во градежништвото 30 евра, во услужниот сектор 33,3 евра, во неделовното стопанство (освен јавната администрација) 34,2 евра.

Двете главни компоненти на трошоците за работна сила се платите и дневниците како и трошоците што не се поврзани со плата, како што се социјалните придонеси на работодавачот.

Учеството на трошоците кои не се поврзани со платите во вкупните трошоци за работна сила во ЕУ е 24,7 отсто.

Најмал удел од овие трошоци е забележан во Романија – 4,8 отсто, Литванија 5,4 отсто, Малта 5,8 отсто, а најголем во Франција – 32,2 отсто и Шведска 31,6 отсто, се додава на веб-страницата на Евростат