Вработените и менаџментот на Усје собраа средства за нов апарат за детската болница Козле

42

FOTO_Cementarnica USЈE

На Светскиот ден на здравјето – 7 април, Цементарница Усје ѝ донираше апарат за спирометрија на болницата за лекување на белодробните заболувања кај децата во Козле.

Половина од потребните средства за набавка на апаратот ги обезбедија вработените на Усје во рамки на акцијата На работа без автомобил. Сакајќи да дадат личен придонес кон промоција на здравиот начин на живот и заштитата на животната средина, вработените и менаџментот на Усје, почнувајќи од март минатата година, секоја среда, наместо со автомобил, на работа пристигнуваат пеш, со велосипед или со јавен превоз. Во склоп на акцијата се собираа средства од вработените кои беа удвоени од страна на компанијата, со што се постигна потребната сума од 4.500 евра за набавка на спирометарот, којшто, од страна одговорните во детската болница Козле, е посочен како приоритетен за ефикасноста на одделот за рана дијагностика на респираторните заболувања кај децата.

„Овој апарат е од исклучително значење за оваа специјализирана здравствена установа. Тој ќе им помогне на нашите специјалисти при побрзо откривање и прецизна дијагностика на болестите на дишните органи кај децата, што е еден од важните предуслови за успешно лекување. Во името на нашите пациенти, но и персоналот на болницата, сакам да упатам благодарност кон вработените и менаџментот на Усје за нивната донација, којашто доаѓа во вистинско време и се вклопува во новиот современ лик на болницата“, изјави д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле.

Од Цементарница Усје потврдуваат дека акцијата преку која се собрани дел од средствата за набавка на новиот апарат ќе продолжи и во наредниот период со што ќе се овозможи реализација на други вакви донации.

“Посебно сум горда што идејата за оваа донација произлезе од вработените на Усје кои уште еднаш покажаа дека хуманизмот, волонтерство и работата во интерес на заедницата се длабоко вградени во деловната културата и традиција на нашата компанија. Со набавката на овој апарат на најдобар начин заокружуваме една етапа од проектот На работа без автомобил. Даваме личен пример за тоа како треба да се однесуваме кон здравјето и животната средина, а дополнително покажуваме и грижа за здравјето на нашите поколенија“, истакна Магдалена Славејкова, менаџер за човечки ресурси во Цементарница Усје.

Цементарница Усје и во оваа прилика ги повика останатите компании, институции и здруженија да се приклучат кон овој вид активизам и со свој ангажман да придонесат кон омасовување на акциите со кои ќе се промовираат здравите животни навики и ќе се обезбедат дополнителни придобивки за заедницата.