Вратите се затворени – но Русите најдоа решение

43

Обемот на таканаречениот паралелен увоз во Русија би можел да надмине 15 милијарди долари по вредност до крајот на годината. Ова го изјави првиот заменик-шеф на руската Федерална царинска служба Руслан Давидов.

Паралелниот увоз овозможува купување на производи кои се барани на рускиот пазар преку трети земји без дозвола на сопственикот на брендот. На пример, на руските продавачи им е дозволено да увезуваат iPhone телефони од Турција наместо директно од добавувачите, пишува денеска РТ.

„Податоците до крајот на октомври покажуваат дека вредноста на паралелниот увоз е 12,6 милијарди долари, а количината на стоката е 1,6 милиони тони… Според претпазливата прогноза, вредноста ќе надмине 15 милијарди долари и повеќе од 2,0 милиони тони до крајот на годината“, рече Давидов.

Уште во март, руската влада го легализираше паралелниот увоз за да ја задоволи побарувачката за странска стока, откако многу меѓународни брендови почнаа да се повлекуваат од бизнисот во Русија поради санкциите на Западот.

Оваа мерка подразбира увоз на оригинална стока, но преку алтернативни канали за снабдување. Списокот на стоки за паралелен увоз е одобрен од Министерството за трговија на Русија и може да се дополни кога има потреба од нов производ. Сепак, странски бренд може да се додаде на списокот за паралелен увоз само ако компанијата во странска сопственост го напуштила рускиот пазар, ги суспендирала испораките или го прекинала производството во Русија.

Давидов претходно изјави дека обемот на паралелен увоз расте за околу 12 проценти секој месец од март. Според проценките на експертите, овој увоз сега изнесува 15-20 отсто од вкупниот обем на руски увоз на непрехранбени производи.

Списокот на паралелен увоз е ажуриран неколку пати од март. Најчестите категории на стоки додадени на листата се електроника, апарати за домаќинство, производи за широка потрошувачка, козметика, парфеми, па дури и оружје.

Одделот за трговија неодамна додаде на оваа листа неколку водечки брендови на алкохолни пијалоци и играчки од популарни американски компании, вклучувајќи ги Marvel, Disney Pixar и DC Comics, според РT.