Цените на нафтата го надминаа нивото од 94 долари на меѓународните пазари во четвртокот, поттикнати од одлуката на водечките производители да ја намалат понудата и очекувањата за ембаргото на Европската унија за руската нафта. Овие цени се задржаа и денес.
На лондонскиот пазар цената на барелот моментално изнесува 94,16 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по цена од 88,22 долари, објави веб-страницата OilPrice.com.
Инвеститорите беа фокусирани на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (OPEC+) да го намалат производството од ноември за два милиони барели дневно во споредба со референтните нивоа.
Неколку членки на ОПЕК+ имаат потешкотии со реализацијата на договорените производствени квоти поради недоволни инвестиции или санкции, па затоа групата во август ѝ падна на целното производство за околу 3,6 милиони барели дневно.
„Намалувањето на производните квоти не е точно усогласено со веќе ниските глобални залихи на сурова нафта, кои генерално сè уште се намалуваат“, според американската банка Морган Стенли.











