Вредноста на руската рубља денеска падна за речиси 30% во однос на доларот, откако светските сили воведоа нови, построги санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Според Блумберг Њуз во офшор трговијата, рубљата падна за 27%, на 114,33 за долар.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија соопштија дека ќе исклучат некои руски банки од меѓународниот систем за плаќање на банките СВИФТ и лично ќе ги санкционираат Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тие исто така ги забранија сите трансакции со централната банка на Русија.
Во меѓувреме, земјите од Г7 – Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Соединетите Држави – предупредија дека „ќе преземат дополнителни санкции“ доколку Русија не ја прекине војната.











