Времеплов: Како почна приказната на електронската трговија

634

Онлајн или електронска трговија денес ги доживува своите ѕвездени мигови. И на глобално ниво и кај нас расте користењето на оваа алатка за набавка на најразлични производи или услуги. Сè почесто луѓето, наместо да одат во продавница, со само неколку кликови од својот компјутер или телефон, го купуваат производот што го сакаат. Пандемијата направи тектонски промени и го забрза растот на овој вид на трговија. Но, дали некогаш сте си го поставиле прашањето, како и кога започнала приказната со електронската трговија.

Таа претставува набавка и продажба на производи или услуги преку електронски канали како што интернетот. Почетоците на електронската трговија датираат уште во 70-тите години на минатиот век, кога е воспоставена првата размена на податоци преку EDI (Electronic Data Interchanges) мрежата. Станува збор за технологија на стандардизиран и интегриран систем за размена на деловни документи. Подоцна се вклучени и активности што под едно име се нарекувале мрежна продавница, што подразбира купување и продажба на производи и услуги преку мрежа со помош на безбедносни сервери (како што е HTTPS или Hyper Text Transfer Protocol Secure што овозможува безбедни трансакции преку Интернет) и со електронски сервиси за плаќање, како што се кредитните картички.

За “татко“ на електронската трговија се смета Мајкл Алдрих, кој бил британски научник, иноватор и претприемач. Тој во 1979 година ја развил електронската трговија, за да овозможи интернет обработка на трансакции меѓу потрошувачи и компании или меѓу различни компании.

Главни фактори што условиле раст на овој вид на трговија се динамичниот развој на информатичките технологии, усовршување на комуникациите, нивно интегрирање, засилена глобализација, дигитализирање на работата на голем број трговци, комфорно и безбедно пазарење.

Електронската трговија “растела“ заедно со зголемениот пристап до интернет и со појавата на првите поголеми портали за електронска трговија во текот на 90-тите години од минатиот век. На пример, Amazon.com, којшто е еден од најголемите и најмоќни онлајн трговци во светот, почнал со работа како сервис за продажба на книги од гаражата на денес најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, во 1994 година.

Денес, приказната за електронска трговија има успешен тек низ целиот свет. Во текот на минатата година, овој вид на трговија беше “виновна“ за околу 3,5 илјади милијарди долари продажба, а за следната година очекувањата се дека ќе достигне околу пет илјади милијарди долари. Во САД, на пример, електронската трговија е 10% од вкупната купопродажба, а има тенденција на постојан раст. Во текот на 2019 година, Македонците потрошиле вкупно 169,2 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 35,5 милиони евра (26,5%) во однос на претходната година. Кај нас, во март оваа година граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет, достигнувајќи годишен раст од 99%.

Фото: Freepik