Вртоглаво зголемување на цените на гасот и електричната енергија во земјите од ЕУ

50

Лидерите на ЕУ ќе разговараат за зголемувањето на цените на енергијата во втората половина на октомври, откако цените на гасот и електричната енергија значително се зголемија во последните месеци, изјави портпаролот на Европскиот совет.

„Европа, како и многу други региони, доживува значително зголемување на цените на енергијата. Затоа, претседателот одлучи да ја стави оваа важна тема на дневен ред на состанокот на Европскиот совет на 22 и 23 октомври “, рече Баренд Лејтс, портпарол на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Цените на енергијата вртоглаво пораснаа во последните месеци, а како што се приближува зимата, така Европа станува сe позагрижена, пренесува SeeBiz.

Цената на големо на природен гас достигна рекордни височини во Велика Британија, Франција, Шпанија, Германија и Италија. Сметките за домаќинствата веќе нагло пораснаа, и со постудено време може да станат уште поголеми.

„На краток рок, треба да се фокусираме на непосредните грижи на нашите домаќинства, индустријата и малите и средни претпријатија. Тоа е, пред сe, одговорност на земјите -членки. Но, ние исто така треба да разговараме за тоа како ЕУ може да помогне“, рече портпаролот на Мишел.

Од друга страна, додаваат од Европскиот совет, ЕУ мора да продолжи значително да ги зголемува инвестициите во иновации и чиста енергија на среден и долг рок.