
Гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Борис Вујчиќ, изјави дека се очекува дополнително намалување на инфлацијата оваа и следната година, но истакна и дека има ризици за реализација на ваквото сценарио, пред сè геополитички.
Одговарајќи на новинарски прашања за најновите податоци за забавувањето на растот на инфлацијата во октомври, гувернерот потсети дека инфлацијата го достигна својот максимум во ноември минатата година и оттогаш континуирано се намалува, освен во август, кога благо се зголеми поради пораст на цената на нафтата, што беше последица и на одлуката на ОПЕК да го намали производството.
Вујчиќ очекува дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува, како во Хрватска, така и во еврозоната, поради што Управниот совет на ЕЦБ на последната седница одлучи да го запре растот на каматните стапки во еврозоната, односно да ги задржи на сегашното ниво за прв пат по нешто повеќе од една година откако сукцесивно беа зголемени за 4,5 отсто.
„Очекуваме дека сме на доволно рестриктивна територија што се однесува до каматните стапки и дека инфлацијата може да продолжи да се намалува на ова ниво“, рече Вујчиќ на Отворениот ден на ХНБ.
Во октомври инфлацијата беше 5,8 отсто
Државниот завод за статистика (ДЗС) во вторник ја објави првата проценка на индексот на потрошувачките цени, според која стапката на инфлација во октомври изнесува 5,8 отсто во однос на октомври 2022 година, што претставува најниска стапка на инфлација од минатиот јануари.
Исто така, според првата проценка на Евростат, годишната инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HIPC) во Хрватска забави на 6,7 отсто во октомври од 7,4 отсто во септември.
Вујчиќ напомена дека е можно во некој од следните месеци да има благ пораст на инфлацијата, можеби во декември, поради базниот ефект од минатиот декември, кога цените на енергенсите значително паднаа.
„Постои ризик од пораст на инфлацијата“
Тој посочи дека сè уште има ризици за реализација на проектираниот тренд на инфлација, во овој момент пред се геополитички, но рече и дека ЕЦБ е свесна за нив и подготвена за нив.
„Мораме да бидеме свесни дека постои таков ризик, дека имаме уште еден шок на страната на понудата, можеби на енергетски производи, доколку ситуацијата се искомплицира. Сепак, во нашата проекција, каде што нема таков шок, очекуваме постепен натамошен пад на стапката на инфлација во наредните месеци и во наредната година“, изјави Вујчиќ, кој е и член на Управниот совет на ЕЦБ.