VW гради фабрика – со големина од 200 фудбалски игралишта

Производителот на автомобили со седиште во Волфсбург ја планира својата најголема фабрика за батерии во Канада, за која обезбедува големи субвенции.

За Volkswagen тоа значи помала зависност од испораките од Азија.

Првата фабрика за батерии на Фолксваген во Северна Америка ќе има огромни размери – почнувајќи од следната година, ќе се гради на површина еднаква на онаа што би зафаќала двесте фудбалски игралишта. Од 2027 година таму би требало да работат околу три илјади луѓе.

Најавено е производство на батерии за околу еден милион автомобили годишно. Фабриката ќе биде лоцирана во Сент Томас – на половина пат помеѓу канадската метропола Торонто и американскиот центар на автомобилската индустрија Детроит.

Фолксваген инвестира пет милијарди евра. Како што пренесуваат медиумите, долгорочно германскиот производител може да смета на околу девет милијарди евра субвенции од канадскиот буџет.

Тие сметаат на американски клиенти

Тамошните власти се потпираат на дарежливата американска програма за субвенционирање која ќе важи и за Канада бидејќи има договор за слободна трговија со САД.

Во САД купувачите на електрични автомобили ќе добијат даночен попуст од 7.500 евра доколку автомобилот е произведен во САД или во партнерските земји.

Канадскиот министер за индустрија Франсоа-Филип Шампањ изјави дека придобивките за земјата ќе ги надминат трошоците за субвенциите. Премиерот Џастин Трудо на презентацијата на плановите рече: „Победа за работниците, за заедницата и за економијата“.

Канаѓаните се надеваат дека околу фабриката ќе се појават уште десетици илјади работни места добавувачи.