VW ја зајакнува инфраструктурата за полнење на своите електрични автомобили

31

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen планира да го удвои бројот на вработени во дивизијата, која се занимава со изградба на инфраструктура за електрични автомобили, пренесе Ројтерс.

На овој начин компанијата ќе се обиде да се соочи со својот главен конкурент на ова поле – американската Tesla.

Volkswagen сака да ја забрза изградбата на станици за полнење, бидејќи километражата и лесното полнење се еден од најважните критериуми за купувачите на електрични возила.

Најголемиот европски производител на автомобили се надева дека ќе може да убеди се повеќе луѓе да ги напуштат конвенционалните мотори на фосилни горива со префрлање на електрични.

VW ја регрутира и Елке Теме, која долги години работеше за енергетските компании RWE и Innogy. Нејзината главна задача ќе биде да му помогне на автомобилскиот гигант да стане успешен конкурент на Tesla и во Европа и во светот.

Теме, која е во Volkswagen од јануари годинава, ги координира сите процеси поврзани со обезбедување на енергија за станиците за полнење, полнење на автомобилите на клиентите во нивните домови, како и зделките за купување на самата енергија.

Компанијата која е одговорна за оваа дејност се очекува во 2022 година да вработи над 300 лица. Само од почетокот на оваа година нивниот број е тројно зголемен на повеќе од 100.

Од Елке Теме засега не откриваат колкав буџет и издвоила компанијата, но е децидна дека ја има целосната поддршка од менаџментот, кој досега дал „зелено светло“ за нејзините инвестициски планови. Вклучувајќи ја изградбата на системи за складирање енергија слични на оние создадени од Tesla Powerwall.

VW планира да инвестира повеќе од 35 милијарди евра во својот оддел за електрични автомобили до 2035 година.

Во однос на производството на електрични возила, компанијата е еден од лидерите на глобалниот пазар, но во изградбата на инфраструктурата за нив сепак мора да стигнува. Tesla моментално има повеќе од 30.000 станици за брзо полнење ширум светот, кои обезбедуваат 200 километри дополнителна километража за 15 минути полнење.

Во октомври американската компанија објави дека бројот на овие станици ќе се зголеми тројно во следните две години.

За споредба, VW моментално има околу 12.000 станици и планира да го зголеми нивниот број речиси четири пати на 45.000 во 2025 година.