
Додека Volkswagen веќе некое време зборува за поевтини автомобили, Кинезите одамна преминаа од зборови на дела и на пазарот нудат возила по непобедлива цена од помалку од 10.000 долари. Германскиот автомобилски гигант сигурно не може да парира со такви цени, но сметаат дека автомобил со електричен мотор кој чини до 20.000 евра може да ги сврти работите на пазарот во нивна полза, пишува Дневник хр.
Досега слушавме разни најави и гласини, но сега за прв пат Volkswagen го објави времето кога би можеле да претстават ваков автомобил. Нема да биде толку брзо, но се надеваме дека барем ќе го испочитуваат рокот што самите си го поставија, а според тие најави производството треба да започне за 3 години. Компанијата веќе работи на ова возило – тие моментално се на половина пат од неговиот развој и веќе знаат како треба да изгледа нивниот најевтин автомобил.
Работното име е ID.1, а возилото е планирано за 2027 година, коментираше извршниот директор на компанијата Томас Шафер за време на редовната годишна прес-конференција, на која нагласи како автомобилот ќе донесе „електрична мобилност со прифатлива цена за секого“.
Постигнувањето на таква цена ќе биде „исклучително економски предизвик“, објасни Шафер, а поради високата цена на батериите, компанијата ќе може да лансира автомобил по таква цена само ако го произведува во големи количини. Германската компанија сè уште нема донесено одлука каде би можел да се произведува тој автомобил, но Шафер вели дека таа одлука ќе ја донесат наскоро.
И покрај тоа што ситуацијата на овој пазар не оди според желбата на челниците на Volkswagen, Шафер на прес-конференцијата коментираше дека тие не се откажуваат од нивниот претходен план, а тоа е до 2027 година да презентираат 11 нови електрични автомобили. Едно од тие возила ќе биде ID.1, кое ќе им биде најефтин автомобил, а со цена од 20.000 евра би можел да биде и најпопуларен.
Но, пред единицата, Volkswagen треба да го претстави моделот ID.2. Од германската компанија велат дека овој модел ќе биде простран како Golf и достапен како Polo, што доволно говори за очекувањата што ги имаат од неговата продажба. Компанијата веќе го претстави својот концепт, а кога ќе се појави на пазарот во 2026 година би требало да привлече корисници со цена од 25 илјади евра.











