WhatsApp овозможи купување намирници во рамките на апликацијата, засега само во Индија

23

Корисниците на WhatsApp во Индија сега можат да купуваат намирници директно преку апликацијата, благодарение на партнерството на Меtа со локалниот JioMart.

„Го лансираме првото искуство за купување од крај до крај на WhatsApp, овозможувајќи им на луѓето во Индија да го прелистаaт каталогот на JioMart, да додаваат производи во нивната кошничка и конечно да платат за нив, сето тоа во WhatsApp“, соопштија од Meta.

Имено, се што е потребно за да започнете со купувањето е да ја испратите пораката „Hi“ до JioMart и процесот автоматски ќе започне. Корисниците ќе добијат пристап до целиот каталог на производи на индиската е-продавница и, исто како и кај апликациите за испорака на храна, ќе можат да изберат што сакаат да купат.

Можност за купување намирници на WhatsApp најави и извршниот директор на Meta, Марк Закерберг.

„Испраќањето и примање пораки до бизнисите е област со вистинска динамика, а искуствата како ова ќе бидат идеален начин за бизнисите и луѓето да комуницираат во годините што доаѓаат“, рече Закерберг.

Според The ​​Verge, JioMart е индиска компанија за е-трговија во сопственост на Jio Platforms, подружница на Reliance Industries, компанија одговорна за евтини телефони и услуги што воведе многу луѓе во Индија со Интернет и модерна технологија.