WizzAir привремено суспендира повеќе од 40 линии од земјите во регионот

Нискобуџетната компанија WizzAir е во процес на привремено суспендирање на повеќе од четириесет линии од својата мрежа во земјите од поранешна Југославија, со одложување на дел од планираните нови дестинации.
Ова доаѓа како резултат на слабеењето на побарувачката во услови на зголемени случаи на Ковид-19 низ континентот, стравувањата од новиот вид на вирусот Омикрон, како и повторното воведување на ограничувања за патување и барања за тестирање.

Зимските операции на авиокомпанијата ќе влијаат на сите пазари што ги опслужува во поранешна Југославија, вклучително и Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Словенија, пишува Ex-Yu Aviation.

Претседателот на WizzAir , Роберт Кери, изјави дека патниците чекаат подолго за да резервираат билети, што ѝ отежнува на авиокомпанијата да ја процени краткорочната побарувачка. Кери истакна дека овој тренд бил присутен во текот на пандемијата и сега се засилува со новата варијанта Омикрон.

Сепак, во WizzAir се оптимисти и имаат намера да ја зголемат побарувачката следното лето.

Оперативни рути во текот на зимската сезона од најголемата база во поранешна Југославија, Скопје, се Шарлроа, Копенхаген, Базел, Бове, Берлин, Келн, Дортмунд, Хан, Фридрихсхафен, Хамбург, Баден Баден, Меминген, Ајндховен, Сандефјорд, Гетеборг, Малме и Лондон Лутон, но многу ќе се одржуваат со скратен распоред, пренесува Сеебиз.

Сите други правци беа зафатени со делумна или целосна суспензија. Од Охрид во текот на целата зимска сезона која трае до 26 март следната година ќе работи само Базел.

WizzAir ќе лета без престан од својата база во Тузла до Базел, Берлин, Келн, Дортмунд, Хан, Меминген, Малме и Скавста, додека линиите што сообраќаат во зимските месеци од Сараево ги вклучуваат Копенхаген, Базел, Дортмунд, Меминген, Ајндховен, Базел и Абу Даби.

Од Белград, авиокомпанијата ќе продолжи да оперира до Базел, Дортмунд, Баден Баден, Меминген, Ајндховен, Малме, Скавста, Абу Даби и Лондон Лутон во текот на зимата, иако некои со пониски фреквенции од првично планираните, додека летовите од Ниш до Базел Дортмунд и Меминген продолжуваат да работат според првичниот распоред.

WizzAir ќе ја поврзува Подгорица само со Дортмунд во текот на зимата, што ќе влијае на сите други линии од главниот град на Црна Гора.

Од друга страна, од Приштина нормално ќе се одвиваат услугите за Виена, Базел, Дортмунд, Меминген и Лондон Лутон, додека Баден Баден, Милано и Рим ќе бидат погодени со привремени суспензии.

Конечно, WizzAir ќе започне со лансирање на својата нова услуга од Лондон Лутон до Љубљана на 13 декември со намален распоред, додека Шарлроа ќе биде задржан само до 7 јануари, по што ќе биде суспендиран до почетокот на летната сезона во 2022 година, пишува Ex-Yu Aviation.