Помеѓу први јули и 30-ти септември оваа година, испорачани се вкупно 348 милиони телефони, според најновиот извештај на аналитичката компанија Canalys. Ова е за четири милиони помалку испорачани телефони отколку во текот на истиот период минатата година.
Во тримесечниот период, вкупниот пазар оствари раст од 22%, а Samsung повторно е на водечка позиција со испорака од 80,2 милиони телефони. Компанијата во текот на третиот квартал забележа пазарно учество од 23%.
На второто место се наоѓа Huawei, а кинеската компанија забележа солидна испорака од 51,7 милиони телефони.
Проблемите на Huawei со американската администрација ги искористи другиот кинески производител Xiaomi. Компанијата се искачи на третото место, со испорачани 47,1 милиони телефони во текот на третиот квартал, што претставува зголемување од дури 45% во однос на минатата година. Xiaomi забележа импресивен раст во Европа (88%).
Според статистиката на Сanalys, Apple во текот на третиот квартал падна на четвртото место според испораките. Сепак, се очекува дека компанијата ќе се врати на третата позиција во текот на последниот квартал, благодарение на објавата на iPhone 12 линијата. На петтото место се наоѓа Vivo.
Фото: Pixabay