YouTube го престигна TikTok како најдоминантна мрежа меѓу тинејџерите, Snapchat го победи Instagram

Тинејџерите ги користат социјалните мрежи повеќе од кога било. Повеќето се на YouTube, TikTok, Snapchat и Instagram, а речиси половина од тинејџерите велат дека се онлајн „речиси цело време“. Snapchat малку го надмина Instagram оваа година, според истражувањето на Pew Research Center за тинејџери и технологија.

Уделот од 46% од тинејџерите (на возраст од 13-17 години) кои велат дека се онлајн „речиси цело време“ е ист како минатата година, иако тој број е речиси двојно зголемен од 2014 година, кога само 24% од тинејџерите изјавиле дека се „ речиси постојано“ онлајн.

Немаше значителна промена во користењето на социјалните медиуми помеѓу оваа година и минатата година, бидејќи YouTube го престигна TikTok како доминантна социјална платформа и ја користат 93% од тинејџерите, додека TikTok го користат 63%.

Snapchat го престигна Instagram во 2023 година со 60% од тинејџерите кои користат Snapchat, наспроти 59% кои користат Instagram, споредено со 62% кои користеле Instagram и 59% користеле Snapchat минатата година, и 52% на Instagram и само 41% на Snapchat во периодот 2014-2015 година, пренесува BiF.

Фејсбук повеќе не е доминантниот социјален медиум меѓу тинејџерите

Фејсбук повеќе не е доминантниот социјален медиум меѓу тинејџерите. Во 2014-2015 година, 71% од тинејџерите користеле Фејсбук, наспроти 33% кои го користат сега. Истото може да се каже и за X, некогаш познат како Твитер, чија употреба падна од 33% на 20% во истиот временски период.

Сепак, тинејџерите во домаќинствата со пониски приходи користат Фејсбук повеќе од нивните врсници: 45% од тинејџерите во домаќинствата кои заработуваат помалку од 30.000 долари годишно пријавиле дека користат Фејсбук, во споредба со 27% од оние во домаќинствата кои заработуваат најмалку 75.000 долари годишно.

И Инстаграм, кој е во сопственост на Мета, матичната компанија на Фејсбук, останува широко популарен. Инстаграм, заедно со повеќето големи социјални медиуми, се соочи со низа критики во последниве години за тоа како ги штити тинејџерите корисници.