За 15,6% зголемен бројот на плаќања со платежни картички во 2020 година

40

Советот на Народна банка на седница ја разгледа и Годишната информација за плаќањата во 2020 година. Податоците презентирани во Информацијата потврдуваат дека појавата на пандемијата ги забрза процесите на дигитализација на плаќањата.

Каналите за дигитално извршување на плаќањата во 2020 година станаа сè позначајни, а особено електронското иницирање на кредитните трансфери и користењето на електронската трговија. Вкупниот број плаќања извршени во 2020 година забележа годишен раст од 10,2%, при зголемување од 15,6% на бројот на плаќањата извршени со платежни картички. Од друга страна, бројот на кредитни трансфери се намали на годишна основа за 3,6%. Ваквите движења придонесоа за натамошен раст на учеството на платежните картички (6,2 процентни поени), коешто достигна 56,2% во вкупните плаќања.

Под влијание на корона-кризата, во 2020 година граѓаните сè почесто гo користеле електронското банкарство за вршење на плаќањата, што придонесува кон значителен годишен раст на бројот на електронски иницираните кредитни трансфери од 31,3%, во услови на значително годишно намалување на бројот на кредитни трансфери иницирани на хартија од 17,8%.

Според платежната статистика, во 2020 година е забележан постојан раст на плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги. Растот на плаќањата во трговијата со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата во 2020 година беше силен и изнесуваше 25,9%. Притоа, раст од 21% е забележан кај бројот на трансакции на физичките места на продажба, но впечатлив годишен раст од 2,2 пати е забележан кај плаќањата со картички на интернет.

Фото: Pexels