Почетна Новости За членките на ММФ на располагање 650 милијарди долари врз основа на...

За членките на ММФ на располагање 650 милијарди долари врз основа на Специјални права на влечење

46

Бордот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја одобри досега најголемата распределба на Специјални права на влечење (Special Drawing Rights – SDR) од своите резерви, во износ од 650 милијарди долари, а таа одлука стапува во сила на 23 август.

Земјите членки на ММФ ќе имаат на располагање Специјални права за влечењe, валута на Фондот конвертибилна во долари, евра, јени, фунти и јуан, пропорционално со нивната постојна квота за учество во Фондот, пренесува Ројтерс.

Одлуката за одобрување на SDR за сите 190 земји членки на ММФ беше долго очекувана.

“Распределбата на SDR ќе им користи на сите членки, ќе ги задоволи долгорочните глобални резерви, ќе ја зајакне довербата и ќе ја поддржи отпорноста и стабилноста на глобалната економија“, рече директорката на ММФ Кристалина Георгиева.

Георгиева посочи дека SDR особено ќе им помогне на најзагрозените земји-членки кои се борат со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, и додаде дека околу 275 милијарди долари од специјалните права на влечење ќе одат на пазарите во развој и ниски земји со приход.

ММФ последен пат интервенираше со доделување на SDR од своите резерви во 2009 година, кога земјите членки добија 250 милијарди долари за да ги ублажат ефектите од глобалната финансиска криза.

За да можат да трошат SDR, земјите треба да ги разменат за една од споменатите основни валути, што значи дека треба да бараат партнерска земја која е подготвена да ги разменува.

Фото: Pixabay