За еден дел од капацитетите во зоните обезбеден гас по пониска цена од пазарната

21

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни Зони (ДТИРЗ) склучи договор со добавувачот ПРОМГАС за обезбедување природен гас за компаниите во зоните со кој еден дел од количините се обезбедуваат по доста пониска цена од пазарната, потврди денеска директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.

„Во делот на гасот склучивме договор со ПРОМГАС, бидејќи Дирекцијата обезбедува гас за корисниците на гас во рамки на зоните, во кој секако има зголемување на цените, меѓутоа позитивен елемент е што еден дел од количините се обезбедуваат по цена која што е доста пониска од пазарната, а одреден дел од количините се обезбедуваат по реална пазарна цена, рече Деспотовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Она што во моментот е наша заложба, додаде, е да обезбедиме што е можно поголеми количини, бидејќи според она како што бевме информирани од страна на добавувачот на гас се доста ограничени.

„Потребите на нашите корисници растат, бидејќи имаме нови корисници, нови капацитети и наша примарна цел во овој период е да обезбедиме поголеми количини.  За одредена количина на гас, значи за одреден капацитет на користење имаме доста поволни цени за гасот, а за одредена количина одиме по реалните пазарни цени коишто се случуваат во моментот“, појасни Деспотовски.