За една недела 1.579 јавувања во контакт центарот за економски мерки – Кои се најчесто поставувани прашања

64

На телефонскиот број 02/324-8040, којшто од минатиот понеделник функционира како контакт (телефонски) центар на Владата на Република Северна Македонија и кој е наменет за поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските мерки на Владата, за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, во периодот од една недела, односно од 6-ти до 11-ти април регистрирани се вкупно 1.579 јавувања. Контакт центарот е обезбеден од МАСИТ како донација од компанијата Ассеко СЕЕ Македонија.

Постои голем интерес за користење на владините економски мерки кај компаниите и граѓаните, притоа, најчесто поставувани прашања (96%), од вкупниот број прашања се следните:

-можноста за користење на финансиска поддршка за исплата на минимална плата за работниците;
– можности за граѓаните во случај на невработеност и отпуштање од работа;
– кредитирањето преку Развојна банка на Република Северна Македонија;
– постапка за издавање дозволи за движење на вработени за време на полициски час.

На прашањата кои пристигнуваат во контакт центарот, одговараат стручни лица, а одговорите може да се добијат на македонски и на албански јазик. Кол центарот работи од 8:00 до 17:00  часот од понеделник до петок, а во сабота од 9:00 до 14:00 часот. Со цел да се одговори на што поголем број повици контакт центарот од денеска работи со зголемен капацитет.

Со цел навремена и детална информираност на компаниите и граѓаните за економските мерки на Владата на Република Северна Македонија, а во согласност со интересот за поединечните мерки, подготвен е и документ во кој се содржани одговори на најчесто поставуваните 25 прашања во изминатиот период.

За да пристапите на документот со одговори на најчесто поставуваните прашања кликнете на следниот линк.