За нив нема криза – профитот на саудискиот нафтен гигант се зголеми за 158 отсто

32

Саудискиот нафтен гигант Арамко (Aramco) најави зголемување на профитот од 158 отсто во третиот квартал од оваа година, поттикнат од растот на цените на нафтата и закрепнувањето на побарувачката со ублажување на пандемијата на корона вирусот. Саудиската јавна компанија, најголемиот светски извозник на нафта, соопшти дека нејзината нето добивка изнесува 30,4 милијарди долари, во однос на 11,8 милијарди долари во третиот квартал од 2020 година.

Арамко, исто така, соопшти дека поделени се 18,8 милијарди долари дивиденда на своите акционери, речиси две години откако излезе на берза во Ријад во декември 2019 година.

„Зголемувањето на нето добивката е главно резултат на зголемувањето на цените на нафтата и обемот на продажба“, се вели во соопштението на компанијата. И покрај пречките за глобалното економско закрепнување, извршниот директор на Арамкo, Амин Насер, во изјавата рече дека е „оптимист“ за побарувачката на енергија.

Компанијата имаше скок на добивката од 30 отсто во првиот квартал и повеќе од 288 отсто во вториот квартал. Во средината на октомври, саудискиот нафтен гигант објави дека сака да го зголеми дневниот производствен капацитет од 12 на 13 милиони барели до 2027 година. Компанијата имаше пад на нето добивката од 44,4 отсто во 2020 година.