За Олимписките игри во Париз во првата фаза продадени 3,2 милиони билети

147

За Олимписките игри во Париз во првата фаза беа продадени 3,2 милиони билети
Речиси 3,25 милиони билети се продадени за претстојните Олимписки игри во Париз по првата фаза од продажбата што започна пред повеќе од еден месец, што е „успех“ за претседателот на Организацискиот одбор, Тони Естанж.
„Ова дава добра идеја за дистрибуција“, рече Естанж, кој повторно ја бранеше ценовната политика, која некои ја оценија премногу висока.

Речиси една третина од 10,5 милиони билети за Игрите во 2024 година беа пуштени во продажба во првата фаза. Од тие 3,25 милиони билети, речиси 13 отсто се продадени за 24 евра, 70 отсто за 100 евра и 4,5 отсто за цена повисока од 200 евра, соопштија организаторите.

Две третини од клиентите се Французи, рече Естанж, додавајќи дека меѓу клиентите има луѓе од 158 земји.

Набргу по започнувањето на првата фаза од продажбата на 15 февруари, имаше критики за високата цена на билетите за некои натпревари, како 690 евра за атлетика.

Организаторите на Игрите се правдаа и потсетија дека еден милион билети ќе се продаваат за 24 евра, а пет милиони за 50 евра и помалку.

Втората фаза ќе биде од 15 март, кога ќе бидат пуштени во продажба 1,5 милиони билети.