За прв пат кинеските производители на автомобили продадоа повеќе возила од американските компании

36

Кинеските производители на автомобили продадоа повеќе возила од нивните американски конкуренти за прв пат во историјата.

Имено, во 2023 година кинеските автомобилски компании продале 13,4 милиони нови возила, а американските 11,9 милиони, барем според податоците на аналитичката компанија Jato Dynamics, која го следи автомобилскиот пазар.

Растот на Кина беше предводен од зголемената побарувачка за хибридни и електрични возила на BYD ширум светот, особено на пазарите во развој. На овие пазари секој петти купен автомобил бил произведен во Кина. Ова е многу значајна информација во оваа приказна, имајќи предвид дека минатата година во земјите во развој се продадени 17,5 милиони автомобили, што е повеќе од вкупната продажба во САД и Европа.

Производителите од Кина полека го преплавуваат светскиот пазар благодарение на нивната одлука да понудат поевтини и квалитетни модели на сметка на сопствениот профит. Со други зборови, тие заработуваат помалку по продаден автомобил, но затоа продаваат повеќе единици од конкуренцијата.

Сепак, ниту американските ниту кинеските возила не се најдоа на врвот на листата на најбарани автомобили. Со овој пазар сè уште суверено владеат Јапонците кои продадоа 23,59 единици минатата година. Тоа е речиси една третина од вкупниот број продадени автомобили на планетата бидејќи, според Statista, 76,67 милиони од овие возила биле продадени на светскиот пазар во 2023 година, од кои 13,8 милиони биле електрични.