За прв пат оваа година, цените на храната во светот скокнаа

118

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) соопшти дека цените на храната во светот во април се зголемиле за прв пат од почетокот на годината.

Индексот на цените на ФАО во април достигна 127,2 поени, што претставува зголемување во однос на мартовските 126,5 поени, пренесува Ројтерс.

Цените на месото, оризот и шеќерот пораснаа, а падот на цените на житариците, млекото и растителното масло не беше доволен за да се спречи растот на вкупниот индекс, соопшти ФАО.

– Бидејќи економиите закрепнуваат, побарувачката за храна ќе се зголеми, што негативно ќе се одрази на нејзината цена – изјави главниот економист на агенцијата ФАО, Максимо Тореро.

ФАО соопшти дека растот на индексот на цените, меѓу другото, е одраз на мрачните прогнози поврзани со производството на храна во Индија и Кина. Тореро истакна дека порастот на цените на храната е „многу загрижувачки“ и ја истакна важноста од продолжување на Договорот за жито, кој предвидува извоз на украинско жито преку Црното Море.

Светските цени на храната беа највисоки во март 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, потсетува британската агенција.